Одлуката на ЕУ експресно поради политичкиот контекст да одобри почнување на пристапни преговори со Украина треба да биде отрезнување за земјава дека ако можеби светот е подготвен да ни става сопки, ние не треба самите да си поставуваме сопки. Но, нема смисла за ново разочарување и жалење за можноста, треба да бараме нови можности во новонастанатите услови, вели амбасадорот и претседател на Советот на амбасадори Ѓорѓи Филипов.

Да ѝ честитаме на Украина затоа што ќе ги почне преговорите иако не можеме да и завидуваме на состојбата во која се наоѓа, а и на причините поради кои доби почеток на преговори. Значи, можело и од политички причини да се случи одобрување на почеток на преговори без разлика на подготвеноста на земјата, што не се случи со нашата земја. Знаеме и за други земји, слични работи се случија, а особено она излегување на премиерот на Унгарија, Орбан од салата каде што се гласаше, се донесе одлука 27 – 1, значи можело и тоа да се направи иако во самиот Устав и на работа во ЕУ треба сите да гласаат „за“, односно да се постигне консензус за секоја одлука, рече Филипов во изјава за новинарите дадена по трибината на тема „Светот по Хенри Кисинџер – геополитички предизвици“, организирана од Советот на амбасадори и Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Тој воедно апелира на отрезнување кај носителите на одлуките конечно да дозволат да надвладее националниот интерес над теснопартиските интереси и вели, колективната суета.

Од друга страна, едно отрезнување за нас дека иако светот е подготвен да ни става сопки можеби, меѓутоа ние не треба самите да си ставаме сопки тие да ги на речам веќе не лични ами колективни суети на партиите во нашиот Парламент треба еднаш да ги победиме и да надвладее интересот за еднакво мислење кога е потребно државата да оди напред. Не сакам да споменувам кој е виновник, кој погрешил, меѓутоа некогаш интересите на државата треба да се стават пред интересите на која било партија, а Парламентот треба тоа да го има во предвид зошто таму се партиите. Ако не можат луѓето, тогаш партиите, ако едно поглавје на Библијата има само за суетата, нема за колективна суета, ама еве ние измисливме колективна суета зашто едни со други може да се надмудруваат, меѓутоа кој изгуби – изгуби. Изгубивме ние, изгуби Македонија, рече Филипов.

Тој нагласува дека условите во однос на промена на Уставот и внесувањето на Бугарите во највисокиот државен акт, кои што се дадени од ЕУ веќе не може да се нарекуваат бугарски диктат, и не гледа проблем во тоа ако веќе се влезени други национални малцинства.

Според Филипов, можеби и наредната власт, наредниот парламент нема да има 80 пратеници – двотретинско мнозинство, но не можеме, посочува тој, да ризикуваме во недоглед да стоиме во место, затоа тоа треба да се постигне.

Иако донесовме една стратегија на Парламентот, еве не ја применуваме, пак се однесуваме предизборно. За жал, не само шест месеци пред избори ами четири години се чувствуваме како да сме пред избори. Малку сум разочаран од тој аспект, меѓутоа ние имаме нова ситуација, ќе гледаме нови можности да најдеме и во таа ситуација ако постојат, а постојат, можеме да го искористиме ова време на чекање за средување на домашни задачи што не сме распремиле по куќа, да употребам домаќински израз, имаме доста за работа во однос на подготвувањето на забелешките од скрининзите што ни се направени и во некоја смисла може и нема потреба да се изгуби чекор ако не продолжи вака да се однесува и наредниот Парламент како што овој се однесува, заклучува амбасадорот Филипов.