Божиќните празници и продолжениот викенд што тие го донесоа, придружени со снегот што падна во значителна количина, предизвикуваат зимскиот центар Маврово деновиве да биде центар на Македонија. Така барем се чини по огромниот број на скијачи, но и посетители што едноставно сакаат да минат неколку денови во природа, на снег, далеку од градската врева и загадување. Тука се македонските туристи, но и бројни гости од соседните земји, кои го одбраа Маврово како одлична можност за „бегство“ од секојдневието.
За одличната зимска идилична атмосфера помогнаа и временските услови. Ако во четвртокот и поголемиот дел од петокот врнеше снег, поради што има и снежна покривка од речиси еден метар, со доаѓањето на викендот врнежите се смирија, небото се разведри. Така, единствена причина за двоумење за некој да се качи на жичницата до скијачките терени е студот, кој рано утринава беше и -13 целзиусови степени.
Сепак, тој проблем може да се занемари со топол чај или ракавици и шал, а да не зборуваме за скијачката опрема и возбудата што ја дава крцкањето на снегот под скиите, сноубордот или санката на коишто се спуштате по некоја од патеките.
Со два збора кажано – вистинско уживање.
Comments are closed for this post.