Здравствениот систем сигурно нема да колабира, имаме обезбедено болнички капацитети за сите. Лекарите, медицинските сестри  и целиот здравствен персонал се максимално посветени, полицијата и инспекциските служби си ја вршат работата, а најголема помош ни се граѓаните, истакна денеска претседателот на Владата, Зоран Заев кој заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Александар Младеновски извршија увид на изведувањето на асфалтирање на булевар и улици во ТИРЗ Скопје 2.

Ако навистина ги почитуваме мерките, можеме многу да им помогнеме на лекарите кои ви потврдувам дека се истоштени и изморени. Заради своето здравје, здравјето на нашите родители, пријатели и роднини… апелирам да ги почитуваме мерките, а здравствениот систем сигурно ќе се снајде, ќе опстои и ќе си ја заврши својата работа. Убеден сум дека тоа ќе биде поуспешно од многу поразвиени земји од Европската Унија, истакна Заев.

Премиерот прашан за законските измени во насока на спречување на ширење на коронавирусот, информираше дека побарале од пратеничките групи да интервенираат со амандман затоа што, како што рече, тоа можат да го направат и се согласиле на тоа и со самата интервенција на амандманот се отвора можноста мерките кои се последна препорака на Комисијата здравствена заштита да бидат имплементирани.

Верувам дека до крајот на месецот може да се направи таа измена затоа што таа е една од приоритетите и од таквата измена зависи имплеметацијата на препораките на Комисијата за здравствена заштита, рече Заев.