Се трудам да го гледам случајот „Рекет“ од позитивен аспект и сметам дека тој покажува оти Јавното обвинителство се бори против корупцијата, изјави денеска шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Самуел Жбогар.

Амбасадорот Жбогар нагласи дека е видливо оти во земјава се поставува судска пракса за борба против корупција на високо ниво и во таа смисла изрази поддршка на Јавното обвинителство со цел да биде поангажирано и да работи на вакви случаи.

 Во државата нема причини за политичка криза, институциите функционираат, Јавното обвинителство е функционално, а функционира и Специјалното јавно обвинителство. Точно е дека специјалната јавна обвинителка Јанева поднесе оставка и тоа го имаме предвид и свесни сме за тоа, но СЈО ќе продолжи да функционира до 15 септември. Дотогаш има доволно време политичките лидери да размислат на кој начин ќе продолжи работата на СЈО. а една од можностите е тоа да биде интегрирано во рамки на општото јавно Обвинителство и има време тоа се реши, порача амбасадорот  Жбогар од општина Новаци каде денеска престојува во работна посета и на увид на проектите кои ги реализира тамошната локална самоуправа.

На прес-конференцијата во Општина Новаци, Жбогар појасни дека знае за многу шпекулации во однос на оставката на Јанева.

Сепак, според него, факт е дека СЈО беше многу корисно и важно во својата работа и случаите што ги покрена, таму е концентрирана голема експертиза и знаење и сметам дека тоа знаење и понатаму треба да се користи.