Од Брисел денеска добивме многу добра вест. Европската комисија препорача почеток на преговорите со Северна Македонија. Ви честитам за тоа и за напорите и посветеноста, но и за жртвите што ги направивте во изминатиот период, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната прес-конференција во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Тој истакна дека минатиот јуни лидерите на ЕУ поставија јасен пат за отворање на преговорите оваа година, пред се, продлабочување на реформите во неколку области и побараа од EК да подготви извештај за тоа.

Она што денеска го презентираме не е само вообичаен извештај за напредокот, туку и извештај за исполнетите услови поставени од државите членки на ЕУ во јуни лани. Еврокомерсарот Хан кажа јасно дека земјата ја искористи шансата што и беше понудена и ја спроведе поставената амбициозна агенда“, истакна Жбогар.

Земјата, како што посочи, ги исполни сите услови и забележа резултати во повеќе области, а тоа се владеење на правото, судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформа на јавната администрација, реформа на разузнавачките служби и на јавната администрација.

Дополнително, како што рече Жбогар, беше постигнат и историскиот Договор од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.