Со детската театарска претстава „Волкот низ приказните“ официјално почна програмата на новогодишната населба „Винтерленд“, поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Од утре веднаш до украсените дрвени куќички ќе биде отворено и лизгалиште на мраз, со кое ќе се збогатат разновидните содржини од новогодишен карактер за посетителите од сите возраста. Има катчиња за детски игри, топ за вештачки снег, улични забавувачи и дружење со Walt Disney маскоти, детски театарски претстави.

Програмскиот дел  во текот на неделата почнува од 17 или од 18 часот, а во текот на викендите од 11 или од 12 часот, а трае до 22 часот, а во некој денови и до полноќ.

Во културно-забавната програма ќе учествуваат: Театарот за деца и младинци, Златно славејче, балетската и фолклорна секција од ДКЦ, хоровите од средните училишта на Град Скопје „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“,„Васил Антевски-Дрен“,„Панче Арсовски“, СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СУГС „Јосип Броз-Тито“ и „Орце Николов“, како и ди-џеј  Flooder, ди-џеј  Милан Серафимов, Plan G, RNC Band, In the mood, Day OFF, Марко и Црни, DNK, Мина Блажев, ди-џеј Тина, Goce SAF, Лозано, Lady Blue, Peppermint, South Park, Салса бенд, Breakdown, Kepurdhat, Ѓоко Танески, Дарио,  Џоле Максимовски, Tafa&Theband  и Тони Зен.

На 23 декември со почеток од 12 часот ќе се одржи и дедомразовска трка.

Во оваа предновогодишна забава одличен додаток ќе бидат греаното вино, пивото, топлите пијалаци и топлата храна.

Новогодишната програма и „Винтерленд“ е поддржан од Делегацијата на Европската Унија која го обезбедува лизгалиштето што е поставено на плоштадот Македонија како дел од новогодишната населба. Исто така, настапите на средните училишта од Град Скопје, како дел од забавната програма, се поддржани од Делегацијата на Европската Унија.