Македонскиот законодавен дом ја почнува процедурата за да се воспостави правна рамка и механизми за заштита на охридскиот регион и со тоа да се направи чекор кон исполнување на условите на УНЕСКО за Охрид да не го загуби статусот на Светско културно наследство.
За та цел во собраниската комисија за култура на дневен ред е првото читање на Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, чија цел, како што објаснуваат предлагачите, е да се создадат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој.
Една од главните поенти во предлог-законот е формирање Совет за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион со што ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство. Составот на овој Совет ќе биде конципиран со учество во управувањето на сите засегнати страни, кои по која било основа имаат надлежности во Охридскиот регион, како и со партнерско учество на експерти и на претставници на граѓански организации од областите на природното и културното наследство.
Основна надлежност на Советот ќе биде да го разгледува и да даде мислење по Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион пред неговото доставување до Владата на усвојување, како и да го следи спроведувањето на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и до Владата да доставува годишен извештај за состојбата на природното и културното наследство во Охридскиот регион.
Со оглед на тоа што најсериозна закана за природното и културното наследство во Охридскиот регион е засилената урбанизација на Старото градско јадро на Охрид и на крајбрежјето на Охридското Езеро, во надлежност на Советот за Охридскиот регион е да дава мислење за: предлогот на просторниот план, предлогот на генералниот урбанистички план, предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село, предлогот на урбанистичкиот план за вон населено место, урбанистички план за подрачја и градби од државно значење, локална урбанистичка планска документација, државна урбанистичка планска документација, урбанистичко-планска документација за туристичко-развојна зона, урбанистичко-планска документација за автокамп, урбанистичко-планска докуметација за градби од посебен интерес и проекти за инфраструктура во Охридскиот регион.
Итноста за донесување ваква правна рамка за заштита на охридскиот регион доажа откако УНЕСКО на Македонија и даде рок од шест месеци да постапи по 19. препораки чие исполнување ќе ја елиминира заканата за Охрид да го изгубу статусот во УНЕСКО. Дел од најважните препораки на УНЕСКО се:
** Ревизија на проектот на пругата кон Република Албанија, автопатот Струга-Ќафасан, проект кој е стар 20 години и воопшто не е предмет на реализација, а беше наведен како еден од забелешките на реактивната мисија во 2017 (препорака број 1 ,2 и 3)
** Напуштање на проектот за експресниот пат А3, Охрид – Св. Наум (препорака број 4)
** Трајно напуштање на проектот за Ски Центар Галичица (препорака број 5)
** Носење на предлог закон за мораториум на градба во Охридско-Струшкиот регион (препорака број 6)
** Носење на планот со управување со културното наследство (препорака број 7 и 8)
** Формирање на јавното претпријатие Колекторски систем и консолидација и модернизација на колекторот (препорака број 13)
** Изработка на елаборат за оценка на влијание на животната средина на Заливот на коските, кој покажа дека нема влијание врз животната средина и истиот е прифатен од советодавните тела на УНЕСКО , ИКОМОС и ИУЦН (препорака 14)
** Компанијата ЕЛЕМ со цел подобро управување на нивото на Охридското езеро предвиде 240.000 УСД , за воспоставување на систем на електронска регулација на нивото на езерото (препорака број 15)
** Регулација на сообраќајот во Стариот дел на градот Охрид (препорака број 18)
** Изработка на регистарот на Бесправно изградени објекти (препорака број 9)
** Владата во рок од 6 месеци да изработи Планот за управување со културно наследство на Охридски-Струшкиот регион
Comments are closed for this post.