Владата денеска го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство во кој е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО.
Основа за изготвувања на овој закон, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, беа двата извештаи на експертскиот тим на Прибе. При изготвување на законот се вградени сите меѓународни стандарди во соодветната област, а користени се и бројни компаративни искуства.
Станува збор за закон во што е регулирана материјата за Јавното обвинителство и во тие рамки за СЈО.
Од ресорното Министерство истакнуваат дека Специјалното јавно обвинителство е надлежно да постапува:
– за кривичните дела кои се поврзани и кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година за кои се поднесени обвиненија или отворени истраги, како и за превземените предмети за кои е воспоставена надлежност согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите,
– за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта на Кривичниот законик,
– за кривични дела Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став (5), Проневера во службата од член 354 став (3), Измама во службата од член 355 став (3), Примање поткуп од член 357 став (5), Примање награда за противзаконито влијание од 359 став (7), Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став (3), Измама при работењето со хартии од вредност и удели од член 275, Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, Спречување, ограничување или нарушување на конкуренција од член 283 и Злоупотреба на овластување во стопанството од член 287, од Кривичниот законик, извршени од избрани или именувани функционери во државни органи или единици на локалната самоуправа и одговорни лица во политички партии
-за кривични дела Давање на лажен исказ од член 367 ставовите (3) и (4), Спречување на докажување 368, Попречување на правдата од член 368 –а, Откривање на идентитет на загрозен или заштитен сведок, соработник на правда или жртва која се јавува во својство на сведок од член 369-а, Присилба спрема правосуден работник од член 375, Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 од Кривичниот законик, ако овие дела се сторени во врска со постапки кои ги води Специјалното јавно обвинителство.
Клучни одредби од законот се оние кои што се однесуваат на надлежностите на СЈО, кое ќе биде надлежно за:
Специјалното јавно обвинителство продолжува да ја врши својата надлежност претходно определена со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и определена во член 34 став (1) алинеја 1 во овој закон на следниот начин:
-Предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, како и предметите кои се наоѓаат во фаза на судење врз кои е воспоставена надлежност согласно член 11 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, продолжува да ги застапува Специјалното јавно обвинителство;
– Обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година и истражните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до влегувањето во сила на овој закон продолжува да ги спроведува Специјалното јавно обвинителство; и
– Претходните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до влегувањето во сила на овој закон ќе ги продолжи јавното обвинителство во чија надлежност спаѓаат согласно членовите 32 и 34 од овој закон.
Материјалите од незаконското следење на комуникациите Специјалното јавно обвинителство може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година и истите може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година. Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Покрај прашањата поврзани со статусот на СЈО, значајна новина во законот е одредбата со која се пропишуваат условите за избор на јавните обвинители. Овие измени се насочени кон зголемување на потребниот стаж за избор на јавни обвинители во повисоките јавни обвинителства.
Со донесувањето на овој закон, се исполнуваат и препораките на ГРЕКО во делот на дисциплинската одговорност на јавните обвинители. Во тој контекст, се пропишуваат јасни, прецизни и предвидливи основи за дисциплинска одговорност кои се пропорционални со предвидените дисциплински мерки. Така, најтешките дисциплински мерки се пропишани единствено за најсериозните дисциплински повреди.
Значајно е да се истакне дека, во овој закон, е уредена материјата за оценувањето на јавните обвинители и тоа за постапката за оценување, критериумите и постапката за повторно оценување. Со оглед на спецификите и динамичноста на оваа материја, законот предвидува дека начинот на бодување ќе биде уреден со подзаконски акт што ќе го донесе Јавниот обвинител на РСМ.
Comments are closed for this post.