СЈО „бомбите“ може да ги користи како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година. Ова се предвидува со законот за СЈО, кој денеска помина на владина седница и експресно е испратен до Собранието.

Материјалите од незаконското следење на комуникациите СЈО може да ги обработува најдоцна до 15 септември наредната година.

Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев и вицепремиерот Османи очекуваат законот да добие поддршка во Собранието.

„Јас очекувам дека по овој закон треба и мора да се постигне консензус зошто е донесен со консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е кога сите заедно сме го основале да му дадеме и насоки и знаете кои се столбовите, тоа се враќа во обвинителниот систем каде што неговата финансиска независност останува и се дефинирани другите аспекти на идното функционирање“, рече премиерот Заев.

„Тоа што треба да работиме од кога ќе се усвои во владата е да обезбедиме поддршка од другите политички партии бидејќи овој закон бара поддршка од двотретинско мнозинство“, рече вицепремиерот Османи.

ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска средба за да се договорат и најавуваат дека утре ќе заседава Извршениот комитет на којшто ќе го разгледаат предлог законското решение и ќе одлучат за Законот за СЈО.