ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче сакаат на „мала врата“ во Собранието да го протуркаат Законот за марихуана со европско знаменце.

Портпаролот на партијата Димче Арсовски денеска на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на тоа бидејќи не е исполнет ниту еден од критериумите по кои еден закон може да оди во Собранието со европско знаменце.

По ниту едно поглавје, по ниту еден критериум и интерес на европското семејство и ЕУ не може да се стави овој закон за марихуана или канабис да биде изгласан со европско знаменце. Тоа е закон кој е единствено од интерес на наркомафијата, односно на картелот Заеви кои ја предводат таа мафија. Тоа е закон кој треба да го легализира она за коешто е уапсен шоферот на Трајче Заев и командирот на прилепската полиција кои беа уапсени за шверц на марихуана. Овој закон треба да го легализира тоа и овие луѓе да бидат на слобода – рече Арсовски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане до крај против личните интереси на нарко картелот Заеви и нема да прифати закон кој треба криминалецот Заев и неговата фамилија да ги направат најбогат наркокартел, а Зоран Заев најбогат наркобос на Балканот и тоа единствено на грбот на граѓаните.