Законите кои претседателот Ѓорге Иванов одби да ги потпише, ќе треба повторно да се најдат во собраниска процедура и ќе мора да бидат донесени со најмалку 61 пратеник, по што тој ќе има обврска да го потпише указот за нивно стапување во сила. Од 1 април Собранието нема да заседава заради одржување на претседателските избори, така што законите ќе треба дотогаш да се најдат во собраниска процедура. Во моментов претседателот на Собранието Талат Џафери е на службен пат во Романија и Литванија, а по неговото враќање ќе се знае дали и кога тие ќе бидат ставени на дневен ред.

Членот 75 од Уставот предвидува дека законите се прогласуваат со указ, кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, по што Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Овој член предвидува и оти претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Но, според информациите од собраниската прес-служба, не потпишал и три реформски закони, донесени со двотретинско мнозинство, а претходно не го потпиша ниту Договорот од Преспа кој исто така беше донесен со двотретинско мнозинство, по што без негов потпис беше објавен во Службен весник.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска оцени дека со непотпишувањето на законите Иванов продолжува со деструктивната политика. Смета дека земјава е парламентарна демократија и оти Собранието го има последниот збор во однос на носењето на законите.

Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање по средбата со собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, нагласи дека секој обид за упад во системот, без промена на Уставот, во смисла на воведување претседателски систем е недозволиво.

Собранието ќе најде начин како да ја врати својата уставна должност, да биде последниот збор во носењето закони, како што е во секоја парламентарна демократија. Ниту извршната власт, ниту претседателот го немаат последниот збор во носењето закони, го има само Собранието и тоа ќе си ги задржи своето право се додека сме парламентарна демократија, рече Османи.

Претседателот на собраниската Комисија, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, пак, истакна дека  дел од законите, кои се уште го немаат потписот на Ѓорге Иванов се токму оние во сферата на реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем, меѓу нив и тој за ОТА и додаде дека тој самиот е еден од предлагачите. Напомена дека во Собранието завршува неговата надлежност и оти за непотпишувањето на Иванов, треба да се побара мислење од институцијата Претседател.

Пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска рече дека претседателот Иванов го завршува мандатот онака како што го почнал, потенцирајќи притоа дека тоа било на штета на граѓаните, на реформите и против напредокот.

Реформските закони се важни за граѓаните и за државата. Тој делува спротивно на интересот на граѓаните, но нема да ги стопира напредокот и реформите во нашата држава. Согласно деловникот одговорен за процедурите во Собранието е претседателот Талат Џафери и тој согласно тоа ќе постапи и ќе ги преземе надлежностите кои му се дадени со закон, рече Шахпаска.

Претседателот Иванов, како што информира вчера собраниската прес-служба, не потпишал шест закони донесени на 28 февруари и пет на 4 март и на 6 март 2019 година. Иванов, според образложението што го доставил до Собранието, указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата, секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што вели, ќе ги брани интересите на Република Македонија.