Мојот потег е во согласност со народната волја изразена на Референдумот 2018 година и индивидуалната слобода на изразување како човеково право. Со нетрпение ја очекувам казната што ќе ја определите за ова казниво дело, со надеж дека истата нема да биде според принципот по 1€ на три доверители! Со нетрпение ја очекувам казната што ќе ја изрече премиерот Заев, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по изјавата на премиерот Заев дека пречкртувањето на „Северна“ е непочитување на Уставот и казниво дело.

Со посебно внимание ја слушав изјавата на премиерот Заев, кој конечно сфатил дека Уставот е светост во секоја земја, но цени дека потегот на Милошоски да го пречкрта „Северна“ од неговиот беџ како пратеник на Македонија во Советот на Европа е „безобразен“ и “казниво дело, напиша Милошоски.

Претходно премиерот Заев потегот на пратеникот го оцени како „безобразен“ ,  и како што рече со тоа „прави казниво дело“  и испраќа порака до сите да не го почитуваат Уставот.

„Уставот е светост во секоја земја, така и во нашата земја. Да не си играме играчки со вакви аспекти, заради тоа што за пусти политички поени или себепромовирање, некогаш нанесуваме непоправливи штет“, рече Заев и потсети на процесот на уставните измени.

„Нашата земја имаше сериозна, суштествена не така лесна дебата. На крајот Парламентот одлучи Уставот да се промени. Уставот се промени како резултат на Договорот од Преспа, но и како резултат на нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ. Денеска е тоа наша реалност. Не смееме да си играме со важните документи“, рече Заев.