Перспективите за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Словенија се големи, а во тоа треба да се искористи извонредното пријателство меѓу двете држави кои се стремат сегашната трговска размена од 300 милиони евра наскоро да ја зголемат на 500 милиони евра, порачал премиерот Зоран Заев на Бизнис форумот во Љубљана,  придружуван од неговиот домаќин словенечкиот премиер, Марјан Шарац. На бизнис форумот со кој претседаваа претседателите на стопанските комори на двете држави Бранко Азески и Боштјан Горјуп, присуствуваат министри од двете влади, амбасадори, како и претставници на компании.

Заев нагласил дека интересот на бизнис заедниците им дава на политичарите надеж дека извонредното пријателство меѓу двете земји ќе расте повеќе бидејќи бизнисмените се вистински мост на економската, а со тоа и на севкупната соработка меѓу двете пријателски земји.

Вие ни помагате во унапредувањето на нашата економија и сите наши аспекти на унапредување на квалитетот на животот уште од поранешна Југославија. Уште тогаш Словенија беше наш најголем пријател. И денес, кога ќе се види словенечки производ во Северна Македонија тоа е доказ за потврдено, за проверено. Кога ќе се каже словенечка инвестиција и словенечки изведувач кој добил тендер, нашите граѓани се сигурни дека квалитетно ќе биде завршена работата, дека чесно ќе се работи и ќе биде придонес за сите, порачал премиерот Заев .

Премиерот Заев потсетил дека од претходниот Бизнис форум, што беше одржан во Скопје, извозот од Словенија кон Македонија е зголемен за 15 проценти, а извозот од Македонија кон Словенија е зголемен за 10 проценти.

Верувам дека и денеска она што ќе го разговараме, ќе го поттикнеме, ќе даде нови можности. Ваша работа е да создавате профит, а нам ни помагате во политиката со раст на БДП, со нови работни места и со раст на извозот, увозот и севкупната трговија, истакнал премиерот Заев и потенцирал дека Словенија несебично го пренесува знаењето, позитивните практики, позитивните искуства во економијата.

На бизнис форумот, премиерот говорел и за условите за правење бизнис и упатил охрабрување и мотивирање на компаниите да се фокусираат кон Македонија.

Во нашите технолошки индустриски развојни зони за вашата инвестиција имате таканаречени „такс холидејс“, или 10 години даночно ослободување од данок на добивка и 10 години даночно ослободување од персоналниот данок на плата. Инвестицијата може да добие стимул директно од буџетот сé до 50 проценти од вкупната инвестиција, ако вложите 10 милиони евра, 5 милиони евра преку даночните олеснувања и директно од Буџетот можете да ги повратите. Бенефициите се големи заради тоа што на Северна Македонија и треба раст на економијата, нашиот бруто домашен производ е 11 милијарди евра, а ние сме слични како Словенија. Нашиот извоз е 6,5 милијарди евра, ако направите споредба со Словенија ќе ви стане јасно зошто сакаме да станеме како Словенија, затоа што вашите бројки навистина се еден убав таргет кон кој што ние тежнееме, нагласил премиерот Заев.

Премиерот ги повикал потенцијалните инвеститори од Словенија, доколку се двоумат, да ги консултираат нивните колеги кои веќе имаат инвестиции во Македонија.

Вашата компанија Таб-Мак влегува со нова инвестиција од 25 милиони евра и со нови 100 работни места. Наша цел, исто така, е пласманот на здрава храна, за која овде во Словенија има огромен интерес. Јас и премиерот Шарец, нашите министри сме тука да ви служиме, да ви бидеме ваша асистенција за да може вие да се посветите на профитот. Ние ќе ги отстрануваме сите административни проблеми на патот на вашата инвестиција, бизнис и профит. Зборувам вака за да оставам впечаток дека ако бирате втора татковина каде да го пласирате вашиот капитал или економски фокус, рекол Заев на форумот, што се одржува во рамки на дводневната официјална посета на Словенија.