Никој не е над законот, ниту е заштитен зашто е носител на некоја функција, но никој не е ниту виновен додека тоа не се докаже, повтори денеска премиерот Зоран Заев во врска со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Заев подвлече дека како и за сите институции, така и за премиерот, министрите, генералниот секретар има контролни механизми. Тој останува на својот претходно искажан став за Рашковски, но, како што рече, истрагата треба да ги даде резултатите.

-Прво е Државен завод за ревизија, второ е Антикорупциска комисија која ја има под мониторинг Владата, на крајот се истражните органи, Јавното обвинителство, судовите. Постојат контролни механизми, сигурно има и други институции надлежни во однос на јавните институции. Така и за генралниот секретар. Тој не е ни повеќе ни помалку од останатите. Се прават редовни, но и ад-хок контроли. Во Владата многу често е присутна контрола за економски криминал, зашто јавноста бара, присутна е контрола за организиран криминал, а постојано истражува и Антикорупциска, истакна Заев, одговорајќи на нвоинарско прашање по посетата на американската компанија „Кемет Електроникс“.