Во денешната честитка по повод денот кога се одбележува 149 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, премиерот Зоран Заев настапи со некоја нова за него „реалност“. Во неа немаше неколку елементи, што ги промовираше во скандалозното интервју за агенцијата БГНЕС во почетокот на декември минатата година.

Па така, денеска Гоце Делчев, меѓу другото, го претстави како „великан и инспиратор на македонското национално револуционерно дело“ и како „инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација“.

Во интервјуто за БГНЕС, пак, уредникот Љупчо Нешков забележа и го праша премиерот:

БГНЕС: Зборувате за минатото. Бидејќи вашиот идентитет сега е реалност, така и во минатото тоа беше многу јасно. Еве, да речеме, Гоце Делчев за кој многу се зборува. Србија го смени името на булеварот во центарот на Белград затоа што Гоце Делчев беше Бугарин. Зошто е проблем ако се каже дека е Бугарин? Помалку ли е Македонец Гоце Делчев?

-Затоа што заедничката и општата историја е заедничка и општа. И мора да дозволиме да нѐ обедини нас, граѓаните на двете земји – и Бугарите и Македонците – да го почувствуваме тоа. Затоа што ако Гоце Делчев го немаше, мораше да го измислиме за да нѐ обедини.. Имало Бугари кои зборуваа бугарски. Живееле луѓе кои се чувствувале и Бугари и Македонци. И ова е апсолутно точно. Ние, двете земји, мора да бидеме доволно паметни да ја искористиме оваа заедничка историја за да изградиме мостови на пријателство. Затоа велиме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија, за Одринско и за сите. И ова е апсолутна реалност, нагласи Заев.

Значи, во декември Гоце Делчев за Заев бил „револуционер и за Бугарите и за Македонците“, кој се борел „за слободата на Македонија, за Одринско и за сите“, што го нарече како „апсолутна реалност“.

Во денешната честитка немаше збор ни од Бугарите, ни од Бугарија, ни од Одринско. Кога и каде му се изгубија?!