Македонската Влада им се понудила на САД да прифати цивили од Авганистан, како што потврди денеска и премиерот Зоран Заев. Тој изјави дека ги информирале САД дека властите стојат на располагање да помогнат со бегалците.

„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека сме подготвени да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан, кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО-сили, вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан“, истакна во одговорот на новинарско прашање Премиерот Заев.

Тој порача дека за таа цел ќе обезбедат сместување, при што трошоците за време на престојот на бегалците, до трајната дестинација, целосно би биле покриени од САД.

„Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, рече Заев.