Предлозите кои доаѓаат од Софија не се ниту европски ниту пак доброседски и ако тоа остане така, треба да го подготвиме македонскиот народ дека почетокот на преговорите со ЕУ во декември нема да се случи, изјави денеска на економски настан во Пробиштип премиерот Зоран Заев. Тој сепак остави можност со бугарскиот премиер Бојко Борисов да се изнајде решение.
-Разговорите помеѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов беа добри, но разговорите помеѓу бугарската министерка Екатерина Захариева и Османи не беа многу добри. Сепак, верувам дека тоа не е став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме се овие претстојни денови да изнајдеме решение, додаде премиерот и нагласи дека и Македонија си има своја посебна историја.
Заев рече дека досега меѓу двете комисии кои работат на историски прашања се решени пет историски личности и три историски периоди и додаде оти верува дека и наредното прашање ќе биде разрешено. Тој изрази очекување дека во овој процес со поддршка ќе се вклучи и бугарскиот претседател Радев.
Вицепремиерот Никола Димитров денеска во Прилеп со своја изјава најави дека односите со Софија се во поделикатна фаза. Тој упати и порака до Брисел. Димитров порача дека доколку македонскиот јазик биде пречка за почеток на преговорите, тогаш Европската Унија не ја заслужува придавката Европска.
Comments are closed for this post.