Премиерот Заев се огласи на Фесбук во врска со изрекувањето на казна од 200 евра за професорката Мирјана Најчевска за фрлање боја на државни објекти за време на шарената револуција.

Тој тврди дека ќе се разгледа прашањето со прекршочните казни и ќе разговараат со засегнатите граѓани за можни решенија, со цел да се зачува честа на граѓанскиот активизам. Заев вели дека казна за фрлање боја платил и тој.

Претставници на извршната власт ќе го разгледаат прашањето со прекршочните казни од шарената револуција и ќе разговараат со засегнатите граѓани за можни решенија со целосно почитување на судската власт, но и почитување на демократските принципи и интегритетот на граѓаните. Прекршоците со фрлањето боја во времето на протестното движење ги правевме свесно знаејќи ја цената на казната, но со повисока цел – слобода и ослободување на институциите. Слична казна за фрлање боја веќе платив и јас лично. Ќе разговараме со граѓаните за решенија што ќе ја чуваат честа на граѓанскиот активизам и лично како граѓани ќе ги поддржиме солидарните иницијативи, напиша Заев.

Професорката Најчевска не ја плаќа казната и решението ќе го оспори пред Управниот суд.