Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за здарвство, Венко Филипче, вчера престојуваше во Истанбул на средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, при што главната вест беше дека Турција ќе и донира на Македонија 30 илјади дози од вакцините „Синовак“. Ништо премногу изненадувачки, со оглед на историски добрата соработка и поддршката што Турција ја давала и ја дава за земјава.

Сепак, посетата на Заев на Истанбул има неколку интересни аспекти, особено во контекст на времето и начинот на кој се случи.

Патувањето во Турција дојде доста одненадеш, односно не беше однапред најавено, нешто што власта ревносно се труди да го прави со секоја можност за донација на вакцини за земјава, кои по неколкупати и доста бомбастично се најавуваат долго време однапред.

Дополнително, количината на вакцини што ќе ги добиеме од Турција (со должна почит и благодарност за турската донација и великодушност) не е толкава за да бара неопхопдност од патување до Истанбул за да биде соопштена. Особено што праксата покажа дека и десетпати поголеми донации биле проследени со обична објава на прес-конференција во Скопје.

Затоа, пак, патувањето на Заев во Истанбул доаѓа само неколку денови откако турскиот мафијаш Седат Пекер на Јутјуб објави серија видеа во кои зборува против познати политичари од владејачката партија, тврдејќи дека се замешани во убиства, силување, трговија со дрога, злоупотреба на моќта и многу други криминални активности. Со таквите објави, Пекер предизвика силен потрес на политичката сцена во Турција и изврши врз власта на Ердоган и неговите соработници, со огледна тоа што неговите изјави беа главна вест на турските медиуми во текот на неколку денови потоа.