„Јас би бил идеален консензуален кандидат за претседател, гледајќи ги рејтинзите, ама уште сум млад за да се кандидирам“, изјави денеска премиерот Зоран Заев запрашан дали ќе се кандидира за претседател на државата. Тој вели дека неговиот придонес ќе продолжи да го дава како прв човек на извршната власт.

Тој додаде дека овие денови разговараат со коалициските партнери, со политички партии кои се надвор од коалицијата, партии кои не се парламентарни, консултираат, како што вели, многу значајни здруженија на граѓани, прават анкети и анализи и во однос на изнаоѓање најдобриот кандидат за претседателските избори.

„Јас сакам да ја потенцирам потребата од свесност на нашето општество изразена преку политичките партии и да ги повикам сите да направиме една заедничка, одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности зад кои би можеле да застанеме ние како политичари, нашите политички партии заради тоа што граѓаните застануваат зад нив. Ако најдеме такви личности тоа би бил вистински консензуален кандидат кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21. век со прогресот и просперитетот кој Македонија го има идополнително го очекува, тогаш вредно е да направиме напори да дадеме шанса да изнајдеме таква личност“, рече Заев.

Заев вели дека му се допаѓа идејата две дами да се борат за функцијата претседател на државата, но порачува да остават партиите да одлучат.

„Така убаво ми звучи дами ако бидат, ама многу е важно да имаме претседател на државата кој што ќе води грижа за сите граѓани и за татковината“, вели заев.