Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ги посетија новите оддели отворени на Универзитетската клиника за неврологија. Отсега таму ќе може да се извршуваат пософистицирани испитувања на цереброспиналниот ликвор, како и Дневен центар за интравенска терапија на болни со мултиплекс склероза.

Станува збор за оддел кој не работел повеќе од пет години, и за негово отворање Клиниката обезбедила нов апарат, рече министерот Венко Филипче.

Клиниката за неврологија со условите кои ги нуди за своите пациенти веќе наликува на современите болници во Европа, констатираше по разглдувањето на одделот премиерот Зоран Заев.

„Иако за себе не можам да кажам дека сум некој посебен експерт во областа на здравството, но знам дека сето ова во голема мерка ги унапредува условите за лекување на нашите граѓани, но и ја подобрува состојбата на македонското здравство во целина. Благосостојбата и здравјето на граѓаните се во нашиот фокус, рече Заев.

Премиерот додаде дека годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари, што во споредба со 2018 година како што додаде тој, е за околу две милијарди денари повеќе.

Директорот на Клиниката за неврологија, Иван Барбов посочи дека во 2018 година низ нивните амбуланти поминале 31.000 пациент, а болнички лекувале 1.800 пациенти.

„Најчеста патологија се мозочните удари кои се обидуваме да ги лекуваме на најсовремен начин. Најновите технологии, тромболизата е воведена веќе неколку години. При крајот на 2018 година почнавме со лекување на пациентите со механичка тромболиза. Втори по фреквенција се пациентите со мултиплекс склероза, ги имаме регистрирано околу 1.000 во Македонија и може да се пофалиме дека голем број речиси 460 се на биолошка терапија од кои на најновите лекови во моментов имаме 30 пациенти. Со програмите за годинава имаме зголемување за 300 отсто на бројот на пациенти кои ќе бидат опфатени со оваа интравенска биолошка терапија и први во регионот ќе набавиме нов иновативен лек кој се користи во терапија на пациентите со мултиплекс склероза, додаде Барбов.