Зголемувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Веруваме дека мај, јуни ќе ги искористиме за од 1 јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини каде сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори кон напредок. Ќе има уште поголем тренд на пораст и на платите и на пензиите во периодот што доаѓа – истакна премиерот Зоран Заев по редовната седница на Економско-социјалниот совет на кој присуствуваа претставници на синдикатите и работодавачи, а со кој претседаваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Заев соопшти дека на редовната седница на Економско-социјалниот совет со синдикатите и работодавачите адресирале важни прашања за унапредување на работничките права и условите за работа и за работниците и за компаниите. Како што нагласи Заев, дијалогот меѓу државата, работниците и работодавачите е суштински во процесот на креирање на солидарно општество во кое ќе има економски напредок видлив за сите. Според него, за компаниите тоа треба да значи повисок профит преку зголемување на производството, трговијата или извозот, додека за работниците – повисоки плати, подигнување на работничките права, услови за напредок во кариерата и отворање нови работни места.

Не случајно денеска ја свикавме редовната седница на Економско-социјалниот совет да ја испратиме пораката дека низ заедничка соработка и дијалог може да ги оствариме овие цели. Од јули 2017 година до денеска Економско-социјалниот совет има одржано 16 седници на кои се разгледани повеќе законски прописи поврзани со остварувањето на работничките права и документи од економско-социјалната област. На денешната редовна седница имавме можност да ги слушнеме барањата на сите страни и преземавме обврски понатаму преку заеднички консултации со синдикатите и работодавачите да носиме одлуки кои ќе бидат во интерес на работниците низ развој на приватниот сектор – истакна Заев.

Како што истакна Заев, Владата, како лево ориентирана Влада, досега и на дело покажала дека го застапува интересот на работниците. Тој потенцира дека првата работа која ја реализирале било зголемување на минималната плата на 12.507 денари за сите работници и ја исправиле долгогодишната неправда кон работниците од кожарската и текстилната индустрија, кои денес земаат минимална плата на исто ниво како и сите останати.

Како што посочи Премиерот, резултатите покажувале дека како резултат на зголемување на минималната плата просечната плата се зголемила за 6,6 проценти во февруари 2019 година споредено со август 2017 година пред зголемувањето на минималната плата, а споредено со март веќе има осум и над осум проценти зголемување на просечната плата.

Околу 90.000 работници денеска земаат повисока минимална плата, а за таа цел се исплатени над 77 милиони денари државна поддршка на фирмите за исплата на повисоката плата. Сериозно размислуваме и за ново зголемување на минималната плата оваа година. Во тек се консултации со сите засегнати страни за да го изнајдеме најсоодветниот модел. Денеска и тоа беше соодветна тема. Зголемувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Затоа ќе придонесеме и со зголемениот број на домашни и странски директни инвестиции, како и отворањето нови работни места и зголемената побарувачка на квалификуваната работна сила. Пензиите од почетокот на 2017 година до почетокот на 2019 година се зголемија за 826 денари или шест проценти, од 13.754 денари просечна пензија сега е 14.580 денари – изјави Заев.

Премиерот нагласи дека во подготовка е новиот закон за работните односи и во таа насока разговарале за можноста за намалување на вкупното времетраење на договорот определено време при трансформација на договорите за трајно вработување при што ќе се имаат предвид и барањата на работодавачите со цел да се постигне консензус и заеднички договор.

Министерката за труд и социјална политика, честитајќи го 1 Мај, посочи дека конечното остварување на работничките права станува реалност во државата. Царовска истакна дека за две години покажале дека како социјалдемократска Влада навистина се грижат со секоја законска измена, со секој нов закон ги придвижуваат правата на работниците поблиску до целосно остварување.

Јас сум сигурна дека како што постигнавме зголемување на минималната плата во 2017 година, консензуално низ сите засегнати страни, ги обесштетивме повеќе од 10.700 стечајни работници за една година со три законски измени, јас сум сигурна дека и во наредната година ќе го донесеме законот за работни односи кој ќе биде усогласување меѓу сите засегнати страни од една страна, но и дека ќе ја зголемиме и минималната плата која ќе донесе попродуктивни работници и развој на економијата – изјави Царовска.

Претседателот на Огранизацијата на работодавачи, Ангел Димитров рече дека за жал во државата не се проблем работничките права во законите, туку е проблем на нивната имплементација.

Не може работник да биде избркан од работа ако не му се даде писмен отказ со образложение на насоките и критериумите зошто тој отказ е даден. Повеќе треба да работиме на имплементацијата – посочи Димитров.