Откако пратениците со 80 гласа “ЗА” ја усвоија предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, премиерот Заев им се заблагодари на народните избраници, а особено на оние пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ги поддржаа уставните измени. Рече дека ги ставиле државните над партиските интереси. Заев смета дека е историски ден за Македонија и дека собранието ја следело вољата на народот.

Со вакви одлуки луѓето стануваат херои. Вие сте многу повеќе од дел од историјата. Вие сте дел од историјата што ќе ја раскажуваат идните поколенија. Тие нема да заборават што направите. Сакаме најискрено директно да му се заблагoдaрам на секој пратеник, и на оние храбри пратеници на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата кои се ставија над интересот на партијата, и покрај непотребниот притисок. Децата ќе бидат горди на нив, сите ќе бидеме горди на нашите пратеници за нивната храброст и гордост. Да направиме долгиот пат да е покус. Ни претстои работа за спроведување на Договорот од Преспа. Заедно ќе работиме на простувањето и помирувањето – тоа бара посветеност и одговорност. Мора да се посветиме на неопходните реформи – правото и правната држава се наша цел. Денеска им дадовме нов, свеж старт на промените, рече Заев.

Тој истакна дека сите заедно ќе работат на амандманите на Уставот и на националното помирување. Во таа насока се очекува иницијатива во парламентот за настаните од 27 Април.

Запрашан како се случило да ја добие поддршката од пратениците за кои има обвиненија, Заев рече дека веројатно се увериле во намерите за помирување и ги ставиле во преден план државните интереси. Уште еднаш кажа дека никој не е виновен додека тоа не биде потврдено со судскаа пресуда. Заев тврди дека нема намера да се меша во работата на судските инстанци и дека институциите се подготвени да реагираат доколку има потреба од заштита на одредени пратеници.