Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска треба да имаат тет-а-тет средба, којашто треба да се одржи во 13 часот во Клубот на пратеници.
-Договорена е средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во понеделник во 13 часот во Клубот на пратеници. Ќе разговарам со Мицкоски за најважните прашања од интерес на граѓаните со цел државата да ни оди напред, напиша Заев на својот фејсбук-профил во четвртокот вечерта.
Објавата на Заев уследи откако Мицкоски претходно го повика на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници, за да разговараат за кризата со пандемијата, работата на Парламентот, за пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите…
-Зборувам за тет-а-тет средба како двајца претседатели на двете најголеми политички партии кои имаат повеќе од две третини пратеници во рамките на Парламентот. Го повикувам, се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е навистина искрена. Целта е да се постигне консензус меѓу двете најголеми политички партии, изјави Мицкоски во четвртокот во гостувањето во вестите на телевизијата Сител.
Заев во петокот изјави дека верува оти по средбата со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори, а најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите.
Премиерот најави дека со Мицкоски ќе разговара и за повиците за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, иако, како што рече, тоа се само поединци.
Во својата изјава дадена на настан во Делчево, премиерот рече и дека без разлика на која функција и да биде, тој би сакал опозицијата и владејачките партии да соработуваат и оти верува дека така преку заедништвото двојно или тројно ќе се зголеми успехот на државата. Од тој аспект ја прифатил и поканата на Мицкоски за средба.
Comments are closed for this post.