За време на Минхенската безбедносна конференција, на македонскиот и на грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе им биде доделена наградата „Ewald von Kleist“ за Договорот од Преспа, објави утрово претседателот на конференцијата, Волфганг Ишингер, на неговиот официјален Твитер профил.

Причина за славење: Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе ја добијат наградата Ewald von Kleist за 2019 (во чест на основачот на Минхенската безбедносна конференција), во сабота, за време на конференцијата, напиша Ишингер на Твитер.


Претходно, во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, претседателот на Минхенската безбедносна конференција и поранешен амбасадор на Германија, изјави дека Грција и Северна Македонија постигнаа историско достигнување.

Во ера во која се ретки дипломатските успеси, надминувањето на долгогодишниот спор на Грција и Северна Македонија е пријатна разврска. Двете земји заедно постигнаа историско достигнување, вели Ишингер во изјавата за грчката новинска агенција, пренесе МИА.