Од 17 јуни минатата година кога нашите две земји го потпишаа Договорот од Преспа пишуваме историја во неколу наврати“, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Премиерот Заев потсети дека првпат во историјата грчки премиер е во посета на земјава, истакнувајќи дека оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.
Грција е првата земја што го потпиша Протоколот за членство во НАТО, што е наш стратешки стремеж, а премиерот Алексис Ципрас упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Сето тоа е за победа на политиката на напредок, за мир и пријателство меѓу народите“, рече Заев по средбата со Ципрас.
Посочи дека политичката волја, пријателството и довербата изградена во изминатите месеци, не доведоа до денешната седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, каде што го потпишаа Акцискиот план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа.
Кога гледате кон минатото гледате пропуштени прилики, кога ќе погледнете во иднината гледате отворени можности и заеднички интереси. Двата соседа донесоа храбри одлуки со желба за заедништво, а она што изгледаше за невозможност денес е реалност“, истакна Заев.
Рече и дека се договориле до средината на мај заедничка експертска група за комерцијална употреба на името, терминологијата, брендовите, и додаде дека од огромно значење се потпишаните меморандуми од областа на транспортот и разговорите од енергетиката, соработките кои го подобруваат животот на граѓаните на двете земји.
Месеците наназад стекнав добар пријател. Алексис е мој другар и пријател на нашата земја. Препорачувам сите ние да градиме пријателство со нашиот сосед Грција, и со останатите наши соседи“, подвлече премиерот Заев.
Заев истакна дека попладне заедно со Ципрас ќе го отворат бизнис форумот на кој, како што рече, ќе учествуваат над 400 стопанственици од двете земји и оти со овој форум ќе се обноват историски простори што ќе создадат можности за инвестициска, трговска и културна размена.
Comments are closed for this post.