Со Бугарија потпишавме дека имаме заедничка историја, но целиот Балкан има таква историја, вели премиерот Зоран Заев во интервју за неделникот „Фокус“, но нагласува дека знае до каде се црвените линии.
-Можам да кажам само свое мислење. Но, знам дека сум претседател на Владата со огромна одговорност и чест и знам каде се и кои се нашите црвени линии, и дека не можам ниту јас, ниту некоја друга влада, или пак, Унијата да менуваат работи кои не се дозволиви за нив да се разговара, а камоли, да се менуваат. Зборувам за нашиот идентитет и јазик. Изнајдовме креативни решенија за проблемот со името и гледате дека имаме не само пријател во јужниот сосед Грција, туку и стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори, истакнува премиерот за неделникот „Фокус“.
На прашањето дали некои негови изјави дале можност на Бугарија да верува дека може да се направи ревизија на историјата, Заев вели:
-Кажувате неточни констатации. Потпишавме дека имаме заедничка историја меѓу двата народа и тука да бидеме на чисто. Целиот Балкан има заедничка историја. Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави.
Премиерот во интервјуто вели дека во две години со Бугарија договорени се пет историски личности и три периоди за заедничко славење
-Договорите се обврска на двете страни,кои ги потпишуваат. Наше гајле е ние да го спроведуваме она што е наша обврска. Поуспешни сме од било кои други договори што се постигнати во модерна Европа. Еве да земеме, на некои историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение. А,ние во првите две години успеавме да се договориме за 5 историски ликови и 3 историски периоди и ги славиме заедно. Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност. Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РСМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата, вели Заев.
Comments are closed for this post.