Првата седница на парламантот е на 14 септември, а пописот почнува на 5-ти. Апелирам да бидеме сериозни. Дваесет години немаме попис. Попис има, мора и ќе има. По 20 години што сме? Држава, нација? Мора да има попис.

Вака, меѓу другото, премиерот Зоран Заев одговори на новинарско прашање во врска со предлогот на опозицијата за одржување електронски попис на населението.

Пописот требаше да се одржи пролетоска, но поради тогашната состојба со пандемијата од коронавирусот, лидерите на власта и на опозицијата Заев и Христијан Мицкоски, се договорија тој да биде одложен за септември.

Но, премиерот Заев уште еднаш, по којзнае кој пат, манифестира двојни стандарди во своето однесување, па наместо да биде трансперентен и отворен кон јавноста, тој тоа го прави селективно и во зависност од днево-политичките потреби. И наместо тој да дава одговори, сега поставува прашање.

А, во контекст на пописот, клучното е – по 20 години што сме? Држава, нација?

Навистина, премиере Заев, што сме? Не по 20, туку по 100, 70 или, ако сакате, 30 години од независноста на Република Македонија? Држава, нација? Ама која и каква?

Овие прашања се поставуваат и добиваат на тежина, зашто не толку одамна преку неговиот владин портпарол му поставивме слични, ама тогаш поводот беше најавената прослава на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во 2001 година.

За потсетување, еден од двајцата владини портпароли го прашавме според кој член во Уставот на РСМ се промовира албанска нација во Македонија, дали Владата ќе интервенира во називот на темата Заеднички темели насловена како Промоција на духот и културата на Албанската нација во креирањето на РСМ од нејзиното постоење до сега, што со буџетски пари се финансираше на една од приватните телевизии, и трето, колку нации има во Македонија?

За жал, до ден денес одговори не добивме.

И сега, за која држава и нација прашува премиерот дали сме? За Македонија и за албанска нација? Или за Македонија и за македонска нација? Или за Македонија како обединети нации на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, а што се вели, според најавите на премиерот Заев, веќе од утре и на Бугари, Хрвати, Црногорци…? Ќе одговори или уште ќе молчи и селективно ќе мудрува со термините и поимите?