За само 5 дена во државава 147 граѓани починаа од компликации од ковид-19. Според дневните извештаи на Министерството за здравство, само еден е починат дома, а останатите пациенти битката со заразата ја изгубиле во ковид-центрите. Алармантна е и бројката на заразени која за 5 дена изнесува нови 6.061 заразени со корона вирусот.

Меѓу починатите има и пациенти на возраст од 34, 38, 39 и 45 години. Најцрн ден е 27 март кога бројката на починати се искачи на 35 лица, а 16 од нив починале во ковид-центрите во Скопје.

Во последните 5 дена, само вчера бројката на заразени беше трицифрена, односно изнесуваше 708 нови случаи. Во претходните 4 дена по денови се заразија, 1.320, па 1.422, 1.264 и 1.347 нови пациенти. Најголемиот процент од нови случаи се во Скопје.

Во моментов активни се 18.907 случаи со ковид-19, а Комисијата за заразни болести и покрај високите бројки, не предложи нови мерки. На сила е само почитувањето на мерките за заштита од ковид-19, носење маска, држење дистанца и редовна дезинфекција на раце, полицискиот час од 22 до 5 часот наутро, затворање на кафулињата во 21 часот и забраната за собирање во домови и затворен простор, како забрана за групирање на повеќе од 4 лица.

Но, на терен состојбата е поинаква односно убавото време за викенд ги наполни парковите и ретко кој носи маска и држи дистанца на отворено.

Министерот за здравство, Венко Филипче пред два дена изјави дека пикот е пред нас и дека оваа недела ќе биде критична, но нови рестрикции за сега нема.

На Меѓународниот аеродромот во Скопје вчера пристигнаа 24.000 вакцини од Астра зенека од Ковакс механзимот, преку кој до крајот на април се најавени уште 76.000 вакцини од истиот производител, како и втората пратка од руската вакцина Спутник В.

Вакцинацијата со вчера пристигнатите вакцини треба да започне в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови, додека дозите од Спутник В се наменети за ревакцинација на 3.000 здравствени работници.

За вакцинацијата со Астра зенека први на лиситата ќе бидат лицата над 75 годишна возраст, со хронични болести, а дневно би се вакцинирале до 5, односно до 7,000 лица. Меѓу нив, приоритет ќе имаат и попишувачите.

Но, докторите велат дека иако ќе се вакцинираат попишувачите, тие нема да создадат имунитет, односно ќе требаат најмалку 3 недели за тоа, а пописот започнува за 2 дена.

Во меѓувреме голем дел од нашите граѓани изминатиов викенд заминаа и се вакцираа во Србија со вакцините на Астра зенека.

Државава, а и светот живеат во пандемија со ковид-19 нешто повеќе од една година. За овој период кај нас од корона вирусот починаа 3.675 лица.