ВМРО-ДПМНЕ денес најави дека ќе поднесе кривична пријава против јавниот обвинител Бурим Рустеми во случајот „Топлик“ заради непрофесионално водење на случајот.

Адвокатот Тони Менкиноски, претседател на Правната комисија, денес презентираше документ од Министерството за транспорт и врски во кој се информира дека не е направена каква било штета на буџетот на Македонија во таканаречениот случај „Топлик“ на СЈО, кој се однесува за продажба на земјиште за проектот „Сончев град“. Пресинг ТВ денес го објави тој допис, кој е со датум од 3 декември 2018 година.

„Јавниот обвинител требал да побара информација дали некое лице е оштетено или не. Тој ја прескокнал таа фаза од постапката и дополнително побарал информација за тоа. Дури на крајот на постапката се прашува оштетениот дали има штета, што е непрофесионално однесување. Во дописот се наведува дека нема штета. А штом нема штета нема кривично дело“, истакна Менкиноски.

Тој притоа додаде дека многу луѓе се малтретирани во целата постапка, а се потрошени и многу средства.

„Очекувам јавниот обвинител веднаш да го повлече обвинението со што ќе се покаже дека правото важи за сите. Ова лудило мора да престане, а ние да влеземе во ера на владеење на правото“, додаде Менкиноски.

Случајот „Топлик“ се однесува за период од 2007 до 2013 година, во кој првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и уште пет лица членови на комисијата од тоа Министерство за спроведување јавни набавки.

Според обвинението, осомничените го оштетиле буџетот за 64 милиони денари, или 1,4 милиони евра, сума која е исплатена за затезни камати заради раскинување договор со правното лице „Сан сити“.

Сега се одговорот од министерот Горан Сугаревски тоа обвинение паѓа во вода.