Амандмани на измените и дополнувањето на Законот за заштита на населението од заразни болести поднесоа пpатеници од власта и од опозицијата, вклучувајќи ги и Алијанса за Албанците и Алтернатива и тие се разгледуваат на матичната Комисија за здравство.

Првиот амандман, како што објави МИА, е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки. Министерот за здравство го прифати амандманот и тој ќе биде составен дел од Законот.

Опозицијата реагираше зошто Владата и Министерството за здравство амандамните ги доставиле пред почетокот на Комисијата, а според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ,  Никола Мицевски, некои од амандамните веќе се предложени и од опозицијата.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се надева дека пратениците ја разбираат потребата од носење на Законот, како и од амандманската интервенција и дека тоа е во насока на заштита на јавното здравје.

Ние ги најавивме амандманите. Како се усложнуваше ситуацијата најпрактичен и набрз начин беше после поднесувањето на овој закон, да се интервенира со амандман, нешто што уредува носење маски на отворено и зголемување на ингеренциите на инспекциските служби како тоа ќе го пратат, рече Филипче.

Според него, седницата на Комисијата е „арена“ да се продискутира за законот и за амандманите.

Дел од пратениците сметаат дека треба да има допрецизирање на амандманот. Како на пример, кога ќе биде дозволено да се носи маска на отворено, односно дали тоа ќе биде дозволено кога лицето ќе се движи на пример на планина кога се сами, како и да се обезбеди заштита за медицинскиот персонал.

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести е на дневен ред на продолжението на 19. седница што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 14 часот денеска.

На оваа седница  на дневен ред се и измените и дополнување на Законот за инспекцијата на труд, измени на Законот за инвалидски организации, изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност, по скратена постапка, но и измените и дополнувањата на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од Сурија Рашиди и Никола Мицевски.