Ковид центрите во Штип и Кочани пополнети до последното место. Модуларната болница во склоп на кочанската болница за 10 дена од отворањето ги пополни сите 35 легла. Пациенти се хоспитализираат и на физикална, а единствено им остануваат 9 слободни кревети на интензивна нега. Во дневната амбуланта се прегледуваат околу 200 пациенти. Дополнителен проблем е што немаат инфектолог, зашто единствениот кој го имале, заминал во пензија, објавува Сител.

За нашите Ковид позитивни пациенти, во телефонска комуникација со инфективното одделение при штипската клиничка болница, тие даваат инструкции кој пациент може да остане во Кочани, кој пациент ќе го земат во Штип, а кој пациент ќе продолжи на лекување во Скопје- изјави Александар Серафимовски, директор на Општа болница – Кочани.

Во модуларната со Ковид пациентите работат специјализанти, а притисокот е огромен, велат од болницата. На штипско инфективно хоспитализирани се 58 пациенти, 5 се на анестезија и еден на кардиологија. На 48 пациенти им е потребна кислородна поддршка.

Ослободуваме места. Знам дека од завчера се отвори кардиолошкото одделение при штипската клиничка болница и ќе биде пренаменето во Ковид центар. Според она што го разговаравме со директорот, до крајот на неделава треба да се отвори модуларната болница и да почне со работа-изјави Д-р Сашко Никилов, градоначалник на Штип.

Со активирање на модуларната болница, во Штип ќе има дополнителни 47 кревети за Ковид пациенти, за кои ќе се грижи постојниот медицински персонал од инфективно одделение.