„Македонија лек“ има рок од три дена да ги уништи вакцините на чии кутии беа аплицирани декларации со истечен рок. Агенцијата за лекови донела решение за уништување на повеќе 624 вакцини со поминат рок, а наредбата веќе е доставена до добавувачот.

Вакцините ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Од Агенцијата во изјава за Независен весник, велат дека уште дефинитивно не е одлучено колкава казна ќе следува за „Македонија лек“ за направениот пропуст, меѓутоа се разгледува можноста таа да изнесува 50.000 евра.

Од Министерството за здравство информираат дека директорите на здравствените домови во кои беа примени спорните вакцини ќе треба да поведат дисциплински постапки против одговорните лица.

Додека се чекаат одговори од надлежните, лекарите и натаму регистрираат нови случаи на заболени од морбили. Вчера на Клиниката за инфективни болести регистрирани се четири нови случаи заразени со мали сипаници. А денеска, од Центарот за јавно здравје Тетово, информираа дека здравствен работник, вработен во Скопје е првиот пријавен случај на морбили во Тетово. Случајот е регистриран на 18 јануари, а пациентот е на домашно лекување.