Во првите шест месеци од 2019 година во сообраќајни незгоди на патиштата во државата загинале 70 лица. Овие статистички податоци навестуваат дека 2019 година ќе биде најцрна година на патиштата во државата споредувајќи ги последните 20 години.

Само на пример за споредба, во првите шест месеци од 2019 година има зголемување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди за 20 проценти во споредба со 2018 година, a во споредба со 2017 година оваа бројка е зголемена за 25 проценти – појаснуваат од Форумот за граѓански активизам.

Оттаму посочуваат дека постојат само декларативни заложби, но намален интизитет на активности и реформи и никакви суштински и системски промени.

Македонија нема институционален капацитет за да се справи со безбедноста на сообраќајот. Ова се согледува преку секојдневно следење на фрапатните статистички податоци за сообраќајните незгоди во 2019 година – оценуваат од Форумот.

Од таму потсетуваат дека Европската комисија во јуни оваа година објави стратешки документ со кој преку индикатори ќе се следи состојбата на безбедноста на патиштата во земјите членки на Унијата. Во таа насока документот предвидува намалување на бројот на жртви во сообраќајни за 50 проценти до 2030 година .

Институционалните промени треба да бидат координирани, а пред се насочени кон реформа и зајакнување на легислативата од страна на Министерството за внатрешни работи, вложување во инфраструктура и изградба на модерни патишта од страна на Министерството за транспорт и врски, побрз одговор при случена сообраќајна незгода од страна на Министерството за здравство и конечно формирање на водечко тело за подигнување на безбедноста на патиштата кое треба да биде грижа на Владата – повикуваат од Форумот за граѓански активизам.

Во 2018 година во Македонија 118 загинати во сообраќајки

Во Македонија во 2018 година, според податоците од СВР Скопје, вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи изнесува 118. Најголем број од жртвите биле во Скопје 32, Штип 19, Тетово 15, Битола 18, Охрид 12, Струмица 11, Куманово седум 7 и Велес четири жртви.

Најчести фактори за случување на сообраќајните незгоди со потешки последици за 2018 година, според СВР Скопје, се брзо возење, непочитување на првенство на минување, управување под дејство на алкохол, не држење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и грешка на пешаци.

Брзината критичен и клучен фактор за сообраќајките

Главен акцент во активностите на РСБСП во рамки на Летна кампања – 2019, со цел едукација на учесниците во сообраќајот и подигање на свеста за одговорно учество во сообраќајот беше влијанието на брзото возење, алкохолот, заморот и високите температури на безбедноста во сообраќајот и на способноста за управување на моторно возило.

Брзината е критичен и клучен фактор во сите сообраќајни незгоди и може да се каже дека токму од брзината зависи дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од сообраќајната незгода – сметаат од РСБСП.

Според статистичките податоци брзото возење, односно неодговорното однесување во сообраќајот и понатаму останува главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Во 2018 година, во Македонија, 43 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди предизвикани од брзо возење, а 1.069 лице се здобиле со тешки и сериозни повреди како последица на брзото возење.

Истражувањата покажуваат дека 86 проценти од возачите во Македонија барем еднаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината, а 20 проценти од нив, тоа го прават често.

Според индикаторот на смртност предничиме пред Европа

Индикаторот на смртност го надминува просекот на ЕУ за 16 проценти, наведено е на веб страницата на РСБСП.

Според РСБСП, во периодот од 2009 до 2014 година, во ЕУ имало намалување на бројот на загинати на патиштата во просек за 36 проценти, додека во земјава, намалување на бројот на загинатите е нешто пониско и изнесува 32 проценти.

Во фатални сообраќајки на патиштата низ ЕУ околу 25 илјади жртви

Според податоците на Евростат. во сообраќајни несреќи на патиштата низ ЕУ во 2017 година имало околу 25 илјади жртви, што значи 50 фатални сообраќајки на еден милион жители.

Речиси половина или околу 46 проценти од вкупниот број жртви во сообраќајки во ЕУ во 2017 година се со автомобили, односно 23 смртни случаи на еден милион жители, потоа пешаците се 21 процент, моторџиите 15 и велосипедистите осум отсто. Жртви во други форми на сообраќајни несреќи на патиштата се 10 проценти.

Највисок процент на жртви-пешаци во сообраќајни несреќи за истата година имало во Романија, 37 загинати на еден милион жители, а најмалку во Данска само тројца.

Грција е на првото место во однос на жртви во сообраќај со мотори во 2017 година и тоа 20 на еден милион жители, додека во Бугарија и Естонија за во 2016 година бројот на жртви со мотори е нула.

Податоците на Евростат покажуваат дека согласно бројот на жртви велосипедисти во сообраќајот, на прво место е Романија со 10 загинати на еден милиони жители, а нула жртви во 2016 година имале Кипар и Луксембург .

Разликите меѓу државите – членки на ЕУ за бројот на загинати при сообраќајни несреќи варираат од 30 смртни случаи на милион жители во Велика Британија и Шветска, до над 90 во Бугарија и Романија.

Коефициентот на смртност при несреќи на патиштата, објави Евростат, покажува доста видлива разлика во ЕУ меѓу земјите со ниски и средни приходи, од една страна и државите со високи приходи од друга страна. Позитивните резултати секако се во полза на побогатите земји, во кои има помалку инциденти со фатален крај.

Бугарија прва во ЕУ според жртвите во сообраќајки со лесни возила

Од земјите членки на ЕУ, Бугарија е на прво со 64 жртви во сообраќајни несреќи со лесни возила на еден милион жители, што е за речиси шест пати повеќе од 11-те проценти во Малта. која е последно рангирана во 2016 година.

Во Бугарија загинале 456 лица во сообраќајки со автомобили, со автобуси пет, со велосипеди 35 лица, додека бројот на загинати пешаци е 118.

Како што објави бугарската БТА, информациите од МВР покажуваат дека најтешките сообраќајни несреќи се должат на навлегување од некаква причина во лента на спротивното движење, неправилно претекнување, расеаност, но и дремка. За периодот од 2011 до 2017 година податоците од бугарското МВР покажуваат дека во сообраќајки загинале 910 лица, а повредени се 6.995, од кои во најголем дел од настраданите немаат никаква вина за несреќата.

Црната статистика за сообраќајните несреќи со фатален крај за првите шест месеци од оваа година во Бугарија покажуваат дека има 2.524 загинати и 3.653 повредени во близу три илјади патно-транспортни несреќи. Тоа значи, по околу 250 несреќи секој месец и 42 загинати месечно во просек при автомобилски несреќи.