Преку 500 трансплантации на коскена срцевина се направени во земјава заклучно со 2018 година, а од лани почна да се спроведува и т.н. трансплантација од несроден донор. Ваквиот вид метода за пациентите со малигни хематопоетски заболувања беше воведена во земјава во 2000 година, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

На почетокот на годинава, преку меморандум за соработка е овозможено реализирање сродни и несродни трансплантации и кај пациенти постари од три години.

„Со ова не само што инвестиравме во поддршка на инфраструктурата и лековите, туку и во соработка со многу центри се зголеми експертизата на нашите лекари и таа нова метода стана достапна за сите пациенти. Тие нема да мора да се упатуваат на лекување во странство, туку ќе се лекуваат блиску  до нивните домови со што ќе се заштедат огромни средства од Фондот за здравстевно осигурување, но и за самите семејства кои ги трошеа“, изјави Филипче.

Според директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис услугата е еднаква по квалитет со онаа во европските центри, а со воведувањето на различните типови трансплантација за возрасни и деца нуди опција повеќе за излекување од тешките малигни хематолошки заболувања.

Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика рече дека конечната цел е да се успее меѓу македонски дарители да се најдат соодветни донори.

„Се стремиме да ја зголемиме бројката на запишани доброволни дарители со што шансите за секој пациент во нашата земја да најде соодветен дарител би се зголемиле и се би одело многу полесно“, подвлече тој.

Моментно,  околу 3.300 доброволни дарители се запишани во регистарот, но таа бројка во споредба со Хрватска која има 50.000 дарители е прилично ниска. Според Петличковски би било добро кога би имале регистер со 10.000 дарители.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека годишниот буџет што Фондот го одвојува за хематологија  се зголемува, така што во 2018 година изнесувал пет милиони евра, а за оваа година се издвоени над 6,5 милиони евра.

Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ, Медицинскиот факултет и Министерството за здравство почнува кампањата „Биди срцевина, биде херој” чија цел е да се зголеми свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и можноста преку запишување во националниот дарителски регистар, дарувајќи коскена срцевина, секој да може да спаси човечки живот.