Студентот на правниот факултет Филип влезе во историјата на македонската медицина како првиот пациент на кому му е спроведена несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки во нашата земја. Тој реши да проговори јавно за да ги охрабри сите пациенти кои се соочуваат со ист предизвик како неговиот.

Првиот пат кога дознав за мојата болест нормално бев исплашен. Не знаев што ме очекува бидејќи имав слушано лоши муабети околу тоа, но пред се, со поддршка од фамилијата и пријателите, ми помогнаа да стигнам до тука и да се чувствувам многу подобро за разлика од претходно, вели Филип.

Стручниот тим на клиниката за хематологија совлада голем предизвик со воведување на оваа метода во нашата земја. Со ова македонското здравство влезе во мапата на центрите во светот каде што се лекуваат најтешките болести на крвта.

Пациентите повеќе нама да имаат потреба да одат во странство, напротив за оваа интервенција ќе може да се обратат во нашата држава и лекувањето да го поминат заедно со нивните најблиски. Се отвара можност и пациенти странски осигуреници да ја побараат оваа услуга во нашата држава. Поводот за кој сме собрани денес претставува висок професионален дострел за нас здравствените работници, остварување на сон на неколку генерации на хематолози и нова страница во историјата на македонската медицина, истакна директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска.

Трансплантацијата на коскена срцевина е една од најскапите операции кои фондот за здравство ги има финансирано изминатите години.

Една просечна фактура од странска здравствена установа, во зависност од возраста, компликациите кои настануваат и од земјата каде се лекува пациентот во просек изнесуваше 110 до 120 илјади евра, а опсегот можеше да биде од 90 до 250 илјади евра, изјави директорот на ФЗО Ден Дончев

Досега годишно во просек околу 20 пациенти се упатувани во центрите во странство за трансплантација на матични хематопоетски клетки. Оваа процедура отсега ќе биде редовно достапна на располагање за сите пациенти кои боледуваат од малигна болест на крвта.

Од сега веќе нема да се малтретираат ниту семејството, ниту пациентите и ќе се направи огромна заштеда на финансиски средства од Фондот за здравствено осигурување, заради тоа што сме дел од Европскиот регистар за матични клетки со чија помош матични клетки се лоцирани во една од европските земји, донесени се на Клиниката и се успешно се трансплантирани на пациентот.

Во моментот Филип е стабилен, се чувствува добро. Следува период од 180 дена кога пациентот треба да биде во посебни услови додека потполно не ги прифати донираните хематопоетски клетки.