Во текот на 2017 година, 1.150 Македонци добиле бугарско државјанство, покажува најновиот извештај на вицепретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Нејзиниот указ е последната етапа од процедурата за добивање државјанство, пренесуваат бугарските медиуми.

Извештајот на Јотова покажува дека, просечно, по 757 лица добивале бугарско државјанство месечно од почпетокот на годинава до крајот на септември. Вкупниот број на новите Бугари за деветте месеци од годинава е 6.819. Во споредба со минатата година за истиот период, тој е повеќе од двојно поголем.

Лани, за цела година, Бугари станале 3.631 лице или по 302 месечно. Во месечните извештаи не се посочува од кои држави се новите Бугари.

Податоци има во годишниот извештај. Во 2017 година, најбројни биле Македонците-1.150, следуваат Украинците-710, Израелците-303, Турците-294. Бугари станале и по едно лице од Германија, Нигерија, Етиопија, Куба, Еквадор, Швајцарија и Кина.

Само во периодот јули-септември годинава вицепретседателката Јотова издала укази за добивање бугарско државјанство на 2.376 лица. Извештајот не ги дели лицата по основот врз кој е добиено државјанството-дали заради потеклото,, долгорочниот престој во државата, особените заслуги кон неа или интересот на Бугарија од натурализацијата.