Комисијата за култура на ВМРО – ДПМНЕ најостро го осуди изборот на лого за одбележување на 30-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија.

Предложеното идејно решение не претставува ништо друго, освен брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност. Покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност, пишува во реакцијата.

Непостоењето на терминот „Република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата и бараат повлекување на логото и распишување на нов конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого.

Понуденото несреќно решение е уште еден доказ во низата недоследности кои Владата предводена од СДСМ ги прави на штета на македонскиот идентитет и државните симболи на Република Македонија.