Кога на СДСМ им требаше гласот на студентите ветуваа брда и долини, а кога дојдоа на власт студентите за нив станаа категорија на луѓе која не постои, рече Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ од пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Условите за живот по студентските домови, вели тој, наместо да се подобруваат од ден на ден стануваат се полоши, а студентите живеат во мизерни и супстандардни услови додека функционерите тераат кампања за Стево Пендаровски, наместо да работат за подобрување на животот на македонскиот студент.

Ѓорѓиев потсети на студентите од „Стив Наумов“ кои во најладните денови немале ниту вода ни парно греење. Додаде дека наместо реновирани соби во студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ студентите престојуваат во соби полни со влага, а исто така во студентскиот дом Стив Наумов неодамна падна плафонот во тоалет при што некој студент можеше сериозно да биде повреден.

Ѓорѓиев кажа дека студентите се жалат и на неработењето на лифтовите, а дека дворовите изгледаат како градилишта, полни со ѓубре и шут, а дека при најмали врнежи практично е невозможно да се помине.

Тој порача дека СДСМ покажале целосна негрижа за студентите во Македонија и дека бедата и мизеријата повеќе не смеат да бидат секојдневие за македонскиот студент, затоа што, како што рече, студентите заслужуваат подобро.