Министерот „за прогон и тортура“ Оливер Спасовски ги шиканира вработените во МВР поради нивните синдикални активности, обвини денес на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека долгогодишни вработени во МВР со големо искуство и заслуги се преместуваат без причина и реална основа, само затоа што имаат храброст да бидат членови на синдикат во време на владеење на СДСМ

„Шиканирање на луѓе само затоа што се членови на Синдикат е одраз на едно мрачно време кое мислевме дека сме го оставиле зад нас. Но, очигледно со СДСМ сагата за професионалците допрва почнува. Ова е црното време за сите професионалци, кое мора час поскоро да заврши.

Помошникот генерален секретар на полицискиот синдикат, кој што е врвен полицаец, правник по професија, со положен правосуден испит, неколкукратно наградуван од министерот за неговата служба, на 24 декември, два дена откако е назначен за помошник на генералниот секретар на Независниот синдикат на полицијата, со решение е прераспределен од полициската станица Аеродром во полициската станица Блаце“, информираше Ѓорѓиевски.

Тој го прашува Спасовски, дали ова е професионалноста која ја ветуваше?

„Ова господине Спасовски е се само професионалност не, МВР под ваша управа го прогонува секој еден професионалец и ги фаворизира единствено партиски подобните за вас. Убиствата, разбојништвата и нападите остануваат и понатаму нерасчистени, така што сериозно е отворен сомнеж дека раководството на МВР го прави сето ова се со цел за заштита и коалиција со криминалот. ВМРО-ДПМНЕ апелира ваквото шиканирање врз чесните и работливи професионалци во МВР веднаш да запре. Никој, буквално никој па ни Оливер Спасовски и Зоран Заев не смеат да се изживуваат со луѓето кои 24/7 се на располагање за нашата татковина“, истакна Орце Ѓорѓиевски.