Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека во Министерството за здравство се прават силни напори за деградирање на јавното здравство и тоа по сите основи, а најмногу кадровски и организациони.

Игор Николов, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека кардиохирургијата функционира на основа на услуги и цени платени за тие услуги којшто цени се договорени во четири очи, и во изминатиот период  биле покачени во два наврата, дури и за 45 проценти, без некакво реално оправдување.

„Покачување на цените за здравстени услуги договорени во четири очи, не еднаш туку два пати во изминатиов период?! Не цени договорени според јавно наддавање за услуга, туку со привилегии за одредени приватни здравствени установи“, изјави Николов.

Од партијата прашуваат како е можно тоа да се случува само за детската кардиохирургија, а додека останатите хируршки интервенции да немаат никаква промена на цените и како е можно инфлацијата да ја погоди само кардиохирургијата.

Од опозицијата велат дека сето ова се продава преку проект таканаречен јавно-приватно партнерство, а за да му тргне на здравствениот систем и на здравство велат потребно е Филипче и  Ден Дончев веднаш да заминат и да ги напуштат функциите.