Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на големо се спрема за предвремени избори. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во секоја негова изјава и во секој негов говор не ја пропушта приликата да ја повика власта да распише предвремени парламентарни избори. И во неговиот вчерашен говор на свечениот настан што го организираше ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на независноста на Република Македонија тој испрати порака до опонентите да се соочат со народот.
Најавува концизен план на активности на партијата во периодот што следи.
„Јас не верувам толку во нарачани анкети, јас верувам во народот на мојата земја. А ако толку се сигурни овие од власта и толку многу блескале тогаш ајде на избори, па народот да одлучи,рече Мицкоски.
Тој вели дека за да се залечат раните треба многу да се направи. Мора да има правда и обнова, рече тој.
Во говорот потенцираше дека убедувањето на граѓаните во нивната мисија ќе биде пеколно тешка мисија бидејќи како што рече „дел од граѓаните нема да ни веруваат затоа што многу пати тие се измамени во минатото“.
„Јас сум свесен дека главната перцепција можеби за нас политичарите е дека се овие лажговци и лопови, но тоа ќе биде наша задача да допреме до секој еден од нив со искрена мисла, со отворено срце тоа тие ќе го препознаат, таа енергија се чувствува. И да ги натераме да ни се придружат затоа што нашата мисија е вистинската мисија и мисијата која што се бори за богата, просперитетна и силна Република Македонија, обединета во рамките на европското семејство на народите и членка на НАТО алијансата“, им порача Мицкоски на сопартијците, додавајќи дека секој согласно компетенциите ќе добие шанса, каде што судиите ќе судат по словото на законите, а обвинителите ќе тужат затоа што некој навистина се огрешил пред законите.
Comments are closed for this post.