-Срамота е што несуден нобеловец и самопрогласен лидер на регионот како Заев да не може да обезбеди барем една вакцина за граѓаните кои умираат од КОВИД, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Цел регион се вакцинира, милионски дози на вакцини стасаа во земјите од соседството, а Заев наместо да купи, моли за вакцини.

-Уште во ноември минатата година Заев најави дека нарачал 833.000 вакцини, и дека дополнителни 800.000 вакцини ќе добиеме преку Грција. Поминаа три месеци, никаде ги нема ниту нарачаните, ниту ветените вакцини. Откако се фалеше со Грција, Заев рече дека вакцини ќе добие од Бугарија, Бугарија доби вакцини, но за Македонија уште нема. Србија почна со вакцинација, во оптек се милионски бројки, од американски, руски и кинески вакцини, а Заев човекот што ги затвори сите отворени прашања, човекот кој ја турка Македонија напред, проси вакцини како да е селски кмет на Муртино, а не премиер на Македонија. Да се фалиш со донација од вакцини од 8.000 дози, а во исто време се уште не можеш да купиш е срамота. Македонија не е веледрогерија која оперира во Струмица, државата има стотици илјади луѓе кои ја очекуваат вакцината и Заев е должен истата да им ја обезбеди, истакнуваат од опозицијата.

Доколку Заев е неспособен тоа да го направи, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нека каже јавно и нека побара помош од, како што посочуваат, нашите меѓународни партнери, кои наместо него ќе ја нарачаат вакцината, бидејќи очигледно на него му оди само преговарањето по принципот – Едно евро за Вицето, додаваат од таму.