Зад мене е судството свиткано во пупка и седнато в скутот на одродениот помилуван аболициран криминалец Зоран Заев. Ова не е суд, ова е игротека и место за исполнување на желбите на Заев. Тој си нарачува судења, тој си предвидува пресуди, тој сам го реформира додека седеше на обвинителна крупа за земање на мито нешто што го виде цела држава, изјави денеска пред судот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Вонправно, но и очекувано, рече тој Кривичниот совет ја потврди  одлуката на Судот на барање на СЈО, за замрзнување на целиот партиски имот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова нема никаква врска со наводниот предмет кој што по партиска инструкција за пресметка со опозицијата го води СЈО. Ова има врска само со едно, обид за замолкнување на опозицијата и обид за заплашување на јавноста. Сега, кога пред очите на сите, се гази референдумот, се гази демократијата, се гази Собранието, се понижуваат пратеници преку силување на правото и правдата, рече Стоилковски.

Тој додаде дека правната држава е погазена во целост.

Одлуката на несудот е политички прогон на само шест месеци пред избори и притисок од криминалната одродена власт против опозицијата, таа да не може да се подготви за предизборната кампања.  Веќе не се бираат средства за оваа банда да си обезбеди бришан простор за реализација на распродажбата на се што е македонско и на општиот грабеж, рече портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ и барањето од СЈО и одлуката на судиите се целосно неосновани и се исклучиво политички мотивирани.

Отаму повторуваат дека не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремената мерка од страна на СЈО.

Повторуваат и дека ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката.

Судот незаконски задира во правата на лица кои не се осомничени, рече Стоилковски.