Расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ќе ја продолжи во 15 часот и 30 минути по редовната пауза.

Пратениците од опозицијата реагираа дека ова е осми пат како Комисијата расправа за одземање на имунитет на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и предложија колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет.

Не се мачете, дајте симнете го имунитетот на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, па во пресрет на предизборието да се пишува за одземен имунитет на опозициски пратеници, изјави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, вештачењето на телефонот на Трајко Вељаноски било извршено пред една година и обвинителството да имало оправдани индиции немало да чека до сега да побара одземање на имунитетот и да го остави слободно да се шета.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски, рече дека тоа не може, па дури и сами да побараат одземање, посочувајќи дека Комисијата постапува само по барање на судот.

Во однос на тоа дека Вељановски бил претседател на Собранието и втор човек во државата, ќе ве потсетам дека имаме поранешен премиер во бегство, така што висината на функцијата не е никаква гаранција, посочи Богоевски.

Посочи дека не сака да ги види во затвор сите од ВМРО-ДПМНЕ, но дека сака да ги види во затвор сите за кои ќе биде докажано дека сториле кривично дело, па и избеганиот премиер Никола Груевски и двајцата бегалци во Грција.

Расправата за одземање на имунитетот на Вељаноски почна вчера и по неколкучасовна остра дебата беше презакажана за денеска.

На вчерашната седницата на собраниската Комисија присуствуваше и самиот Трајко Вељановски, на што опозициските пратеници посочија дека е доказ дека со неговото однесување не покажал никакви знаци кои укажуваат дека треба да биде притворен.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето од судот и да го достави во рок од два дена до претседателот на парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници