„Бараме оставка на десната рака на Зоран Заев – Драги Рашковски, и итно спроведување на истрага од страна на обвинителството“, рече на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

По објавената аудио „бомба“ за Драги Рашковски кој наводно договара сомнителен тендер во висина од 7 милиони евра за набавка на систем за летање преку М-НАВ, од опозициската партија предупредуваат :

„Со оглед на тоа дека Рашковски е вршител на должност Генерален секретар  на владата и се уште може да влијае на заташкување на случајот и врз доказите и сведоците обвинителството треба веднаш да делува. Рашковски заедно со претседател на УО на М-НАВ, кој како што пишуваат медиумите е близок роднина на министерка во владата на Зоран Заев, се слуша како иако знаат дека датумот за тендерот изминал за 3 дена го доделуваат истиот на  италијанска фирма.  Наспроти тврдењата на Рашковски дека тендерот е доделен во 2016-та година М-НАВ го демантира преку официјалната веб страна каде се гледа дека склучиле договор во 2018-та година.  Ако тендерот бил доделен во 2016-та тогаш зошто десната рака на Зоран Заев Рашковски договара рокови само за да добие оваа компанија“, прашува Василевска.

Како што истакна таа според објавеното во медиумите се чита како Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ одат спротивно на одлука на влада според која се укажува да се оди кон ретерирање, а не да се склучува нов договор, како што тоа подоцна го прават Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ.

„Имено според објавеното се вели: – Друга работа што мора да се измени, имаме заклучок на 63 седница на влада. Имаме одлука со која ни се укажува за да ретендерираме, зборува претседателот на УО на М-НАВ преку она што го добив во медиумите. На истово Рашковски одговара : – Ќе запишеме. Во владин заклучок ќе кажеме дека тоа престанува да важи и готово. Но злоупотребите и прекршувањето на законите не застануваат тука. Според објавеното во медиумите се чита дека Рашковски и претседателот зборуваат за одредена награда, која треба да ја добијат. Имено претставникот на италијанската фирма Леонардо во прашање до Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ вели: – Дали ќе треба да не побарате за да се состанеме на преговори за да расчистиме некои работи? Во писмото со наградата, ќе биде споменато. За каква награда станува збор и дали господинот Рашковски директно договара процент самиот за себе?“, прашува Василевска.

Таа исто така го поставува прашањето дали и Зоран Заев знаел за ова и дали и тој се има офајдено од ваквиот скандал?

„Ги повикуваме надлежните во најбрз можен рок да покренат постапка и да го расчистат овој случајот. Доколку се покажат како вистините наводите во медиумите Рашковски е директен сторител на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 од  КЗ, според кој сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 5 години.Обвинителството и надлежните институции мора да утврдат, дали и колку е оштетен буџетот на Република Македонија? Одговорност мора да има, за сите вмешани во случајот. Криминалот и корупцијата мора да станат минато“, вели Василевска.