Владата и официјално го почна жонглирањето со бројки и вчерашниот рефрендумски резултат се претставува како успех, со образложение дека добиените 605.934 гласови се повеќе од победниците на сите парламентарни избори во историјата на независна Македонија.
Со тоа, наспроти неисполнетиот цензус, приказната за промената на името на државата и уставните промени заради прием во НАТО и почнување преговори за членство во ЕУ, наредните денови ќе продолжи во Собранието на РМ.
Меѓутоа, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, Владата ги изостава резултатите од референдумското изјаснување за самостојна и независна Република Македонија од 1991 година. Да биде иронијата поголема, токму тој референдум и тие резултати беа составен дел од штотуку завршената кампања.
Според официјалните резултати на ДИК, на вчерашниот референдум учествувале вкупно 666.743 граѓани. Од нив, ЗА влез на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција се изјасниле 609.813 лица, против биле 37.700, а 19.221 ливче било неважечко.
Дека работите ќе се одвиваат во овој правец, уште минатата недела најави министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој на средба со новинарите изјави дека референдумот не е правен услов во договорот со Грција.
Неговото споменување во него е само како политичка заложба и ветување на двете најголеми партии-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според министерот, легитимација на референдумот ќе биде големото мнозинство, а како индикатори ќе послужат мнозинствата од претходните изјаснувања на граѓаните на претходните парламентарни избори.
Ова, веднаш по завршување на референдумот, го потврди и премиерот Зоран Заев, а денеска и министрите Радмила Шекеринска и Бујар Османи.
Останува политички и правно максимално дискутабилно дали како репер можат да послужат резултатите од сите досегашни парламентарни избори. Зашто, на нив граѓаните се изјаснуваат за партиски програми и политички опции, а на референдум за надпартиски, односно прашања од државен и национален интерес.
Дека вчерашниот референдум не е најуспешен резултат кажуваат бројките од референдумот во 1991 година. Тогаш, за потсетување, од 1.495.807 регистрирани гласачи, на референдумското изјаснување учествуваа 1.132.981 граѓани со право на глас или 71,85 отсто.
А, од вкупниот број граѓани, кои гласале на референдумот, позитивно се изјаснија 1.079.308 граѓани, односно 95,26 отсто или 72,16 проценти од вкупниот број на граѓани со право на глас.
Како споредба, на вчерашното референдумско изјаснување бројот на гласови ЗА е за 473.374 помал од тој во 1991 година. А, и тогаш, како и сега, НАТО и ЕУ ни случајно не беа спорни, па останува дилемата на што се должи волкавата разлика и во одѕивот и во бројот на гласови, наспроти скапата сегашна кампања.
Има и друга, поинаква игра на бројки. На пример, актуелната конечна бројка од 609.813 гласови ЗА на референдумот е за цели 37.917 гласа помала од вкупниот број гласови, што на последните праламентарни избори во 2016 година ги освоија сите парламентарни партии, без ВМРО-ДПМНЕ. Значи, тие на референдумот не ги повториле ни изборните резултати.
Речиси идентична е сликата и со ланските локални избори. За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ освои само пет градоначалнички места, а огромното мнозинство остана за партиите од актуелното парламентарно мнозинство. Тие освоија над 630.000 гласови за општинските совети, што говори дека и оваа бројка е поголема од референдумските 609.813 гласови ЗА, односно повторно не е постигнат истиот изборен резултат.
Како и да е, бројките само ги ставаат во втор план владеењето на правото, Уставот, законите и процедурите.
Comments are closed for this post.