Дополнителни рестриктивни мерки за заштита од натамошно ширење на Ковид-19 се во сила по огромниот наплив на пациенти во болниците во изминатиот период, каде  моментно се хоспитализирани 1744.

Надлежните велат дека интервенирале со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација за да се одржи здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет. Тековната недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати.

Според податоците на Министерството за здравство, бројот на активни случаи во државава достигна 21.265. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 1259 случаи на коронавирусот од направени 4.555 тестирања. Починаа 45 лица, а оздравени се 751 пациент.

Во меѓувреме и вчера продолжи масовната вакцинација против Ковид-19 во салата „Борис Трајковски“ и во сите здравствени домови ширум државата. Од близу 2 800 веќе закажани граѓани, 2 500 се вакцинирале.

Министерот за здравство Венко Филипче укажа дека сега сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници.

– Имајќи го предвид искуството од минатата година кога ваквите празници конкретно рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира. Тоа е причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел овој трет и досега најсилен бран на Ковид-19 на некој начин забрзано да го завршиме. Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, изјави Филипче.

 

Тој потенцира дека оптимумот, бројот кој сакаат да се постигне е да имаме околу 7000 вакцинирани граѓани на ден. Филипче информира дека вчера немало никаков проблем околу вакцинирањето и издрази надеж оти така ќе продолжи и во следниот период.

Филиче истакна дека близу 13 илјади граѓани се вакцинирани заклучно со завчерашниот ден и освен два случаи на колапс, кои, како што рече, што не се поврзуваат со вакцината, туку веројатно станува збор за страв и панични напади, тука во салата „Борис Трајковски“, други несакани ефекти нема