Парламентарното мнозинство на власта на денешната седница на Собранието го одби предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред да се стави точката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Предлогот го поднесе координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со образложение дека предлог-одлуката е веќе едногласно донесена од сите пратеници од сите пратенички групи на седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, што беше одржана на 5 септември. Дотолку повеќе што оваа собраниска седница е последна во законскиот рок до истекување на мандатот на Катица Јанева на 15 септември.

Предлогот беше одбиен, по што Мицевски побара едночасовна пауза.

Предлогот за денешното разрешување на Јанева е за да се остави простор до 15 септември да се избере нов специјален обвинител, истакна Мицевски.

Спикерот Талат Џафери рече дека е точно оти Комисијата расправала по извештајот на Советот на ЈО и дека Собранието добило предлог за разрешување на специјалната јавна обвинителка.

Во сите досегашни координации и усогласувања на политичките партии, посебно четирите поголеми политички партии, се усогласивме дека за ова прашање треба да има посебна седница и во тој контекст и од таа причина не е ставена како точка на дневен ред, изјави Џафери.

Против предлогот гласаа 58 пратеници од СДСМ и ДУИ.