Владиците на МПЦ-ОА бегаат како ѓавол од крст на темата поврзана со плацот пред хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје на кој ќе се градат нови станбени и деловни објекти. По вчерашната седница на Светиот синод, никој не беше расположен да говори за тоа како фирмата „Обновители“ е регистрирана на адресата токму на седиштето на МПЦ-ОА или само МПЦ и таа се јавува како нејзин косопственик, заедно со Зоран Антиќ.
Пресинг ТВ денеска се обиде да разговара со владиката Јосиф, чија епархија се водела како сопственк на земјиштето, но тој не избегнуваше. Земјиштето уште со национализацијата било во сопственост на манастирот „Св.Атанасиј“ во Лешок, а со процесот на денационализација, што го започнал уште покојниот владика Кирил, и припаднал на Скопско-кумановската епархија. Засега останува нејасно како и на кој начин дошло до трансформација на сопственоста на земјиштето меѓу двете епархии.
Барањето за разговор со владиката Јосиф ни беше одбиено поради, наводно, негово присуство на седницата на Синодот, иако таа беше веќе завршена. Го побаравме и неговиот број, но надлежното лице немаше благослов за такво нешто, по што ни го дадоа бројот на неговиот возач. Тој, пак, вети дека по СМС порака ќе ни го даде бројот на Тетовско-гостиварската епархија, но не го стори тоа.
Индикативно е тоа што од седиштето на објектот на МПЦ-ОА се извадени и таблата и бројот за адресата бул.„Партизански одреди“ бр.12.
МПЦ, покрај својот дел од земјиштето, преку „својата“ фирма „Обновители“ се јавува и како купувач на државно земјиште, па целата, веќе градежна парцела изнесува околу 9.000 метри квадратни. Цената по метар квадратен изнесува 312 евра, па вкупната вредност достигнува 2,9 милиони евра.
Според претходните изјави за медиумите, МПЦ на инвеститорот му ја отстапува својата парцела за која ќе треба да добие станбен и деловен простор во објектите, што ќе бидат градени. Каков ќе биде соодносот, односно колкава квадратура ќе се добие, засега никој не открива.
Вредно е да се потсети дека ова не е прва авантура на МПЦ-ОА во областа на градежништвото. Излети имаше и со хотелот „Изгрев“ во Струга, но и со денационализираното земјиште во Сопиште.
Другиот косопственик на фирмата „Обновители“ е Зоран Антиќ. Интересно е да се спомене дека вкупните приходи на фирмата регистрирана за градежништво во 2017 година изнесувале само 20 денари, а расходите, пак, биле драстично поголеми и изнесувале 9.605 денари. Една година порано, во 2016, вкупните приходи и биле 236, а расходите 2.885 денари. И одеднаш, фирма со вакви, повеќе од скромни приходи и расходи обезбедува сума од 2,9 милиони евра!
Зоран Антиќ и неговата сопруга Тања се сопственици на фирмата М.Г фешн, со адреса „Даме Груев“, 28 кат, зграда 2, 1/1. Регистрирана е за увоз-извоз на светски модни брендови, меѓу кои и „Бицијани“, а којзнае можеби и за „Прада“. Па, во иднина, исто така можеби, нашите владици ќе носат и брада и „Прада“?!
Фирмата М.Г фешн во 2017 година имала вкупни приходи од 233.529.224, а расходи од 216.176.250 денари. Или, нејзината нето добивка изнесувала над 17 милиони денари.
Првично, најавите беа дека на плацот пред „Холидеј ин“ ќе се градат 60-катници, но општинските власти се децидни дека новите објекти нема да ја имаат таа висина. Како и да е, онаа народната дека Господ прво сам себе си си дал брада, одново е актуелна.
Comments are closed for this post.